После денешната информација дека Криминалистичката полиција на СВР Битола до ОЈО, ќе поднесе кривична пријава против вработен во Општина Битола, како инспектор во инспекторатот за контрола на патниот сообраќај, за примање на поткуп, Општина Битола, ги повикува и поддржува надлежните институции да преземат соодветни мерки и да постапат согласно важечките закони во Република Македонија, се вели во соопштението кое попладнево е испратено од Општина Битола.
Понатаму во соопштението се вели дека Општина Битола активно се залага за јавност и транспарентност во работењето и нулта толеранција на корупција.
„Должност на општинската администрација е да работи во интерес на граѓаните и ниту еден административен службеник не смее да работи спротивно на законите и Кодексот во кој се пропишани етичките стандарди и правилата за однесување на административните службеници во односите на работното место, но и во приватниот живот и јавноста“ велат од Општина Битола.












