Управниот одбор на ЗЕЛС денеска одржа средба со министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, при што теми на разговорот беа договорот со Светската банка, блок дотациите во образованието, како и прашањето во врска со унгарскиот кредит.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски вели дека она што е заложба на општините, членки на ЗЕЛС, е да се обезбеди поголема финансиска стабилност, да се зголемат блок и наменските дотации и да се овозможи сите надлежности да се вршат со доволно средства, односно онолку колку што ресорните министерства трошеле за истата надлежност кога била во нивни раце.
„Тоа е согласно Европската повелба за локална самоуправа и ние инсистираме на нејзино почитување. Една од клучните теми беше и распределбата на средствата од Унгарскиот кредит, при што сакам да се заблагодарам на Владата и премиерот Христијан Мицкоски за доделените грантови, кои ќе бидат искористени најефективно за доброто на граѓаните“ рече Ѓорѓиевски.
Во разговорот со министерката беше отворено и прашањето за зголемување на приходите од споделените даноци.
„Во Европа, општините добиваат 100% од персоналниот данок, додека кај нас тој изнесува само 6%. Бараме тој процент да се покачи најмалку на 30, а доколку е можно и на 50%. Истото важи и за делот од ДДВ кој општините го добиваат, каде што барањето е негово зголемување од сегашните 6% на најмалку 10%“ истакнува претседателот на ЗЕЛС,
Посебен акцент беше ставен на блок и наменските дотации за пожарникарството, образованието и детската заштита, каде што, според анализите на ЗЕЛС, општините трошат повеќе средства од своите буџети отколку што добиваат преку дотациите.
Од страна на министерката Димитриеска-Кочоска беше изразена отвореност за соработка во сите сфери што ги тангираат единиците на локалната самоуправа, како и подготвеност за изнаоѓање заеднички решенија.












