Владата поддржува отворање на клубови на сите етнички заедница во Македонија, рече денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи на редовниот неделен брифинг, зборувајќи за отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.
Министерот вели дека Владата немала ништо против отворањето на клубот, спорно било само името, кое е сфатено како провокација.
Османи вели дека ако клубот не се викал како што се вика, и тие би биле дел од настанот.
„Ние го направивме тоа што требаше да се направи. Не дозволивме Северна Македонија да биде прикажана во светот како земја што ограничува права на било која етничка заедница. Не е моја должност да се грижам за имиџот на Бугарија кои личности ги чествуваат, имаат тие МНР кое треба пред еврејската и светска заедница да објаснат зошто им се важни некои личности“, изјави Османи.
Сметам, посочи Османи, дека тоа беше несреќен избор на име на клуб и дека не може да каже кои се намерите позади тоа.
Османи додаде дека негова работа е да се грижи за тоа да не успеат вакви провокации, како што рече, на кои што требаше да наседнеме како држава, а кои што се со цел да се претстави Македонија како држава во која се газат основните човекови права.












