Основните месечни трошоци поголеми од просечната плата исплатена во јануари

0
436

На едно четиричлено македонско семејство во јануари му биле потребни 32.354 денари за задоволување на основните месечни потреби, покажува синдикалната минимална кошница што секој месец ја прави Сојузот на синдикати на Македонија.

Најмногу пари или 13.354 денари му биле потребни за храна и пијалоци, а 10.487 денари за комунални трошоци и одржување на домот. За лична хигиена и за хигиената во домот во јануари биле потребни 2.289 денари, а за превоз 2.349 денари. Останатите пари се за обувки и облека, за здравствени услуги и за културни дејности.

Вредноста на синдикалната минимална кошница е поголема е просечната исплатена нето плата во јануари која според Државниот завод за статистика изнесувала 23.196 денари.

Според последните официјални статистички податоци од Агенцијата Анадолија  највисоките просечни плати во регионот се во Словенија и Хрватска, а најниските во Македонија и БиХ.

Податоците од Бирото за статистика на Словенија покажаа дека на крајот на 2017 година просечната нето месечна заработка во Словенија пораснала на 1.062 евра, што е номинално зголемување од 3,1 проценти, а реално од 1,7 проценти во однос на 2016 година..

По Словенија следи Хрватска во која, според најновите податоци, просечната плата изнесува околу 835 евра.

Следи Црна Гора во која, според најновите податоци од Заводот за статистика на Црна Гора (Монстат), просечната плата во последниот месец од 2017 година изнесувала 512 евра. Зад Црна Гора, највисоки просечни приходи се забележани во Србија каде, како што покажуваат податоците на Републичкиот завод за статистика, просечната нето плата во декември 2017 година изнесувала 459 евра.Најниски просечни плати во регионот на Балканот се забележани во Босна и Херцеговина и во нашата земја.

Според податоците на Агенцијата за статистика на БиХ, просечната месечна исплатена нето плата во БиХ во декември 2017 година изнесувала 440 евра .Податоците на Заводот за статистика на Македонија покажаа дека во ноември. 2017 година просечната нето месечна заработка во нашата земја изнесувала 23,196 денари, односно 377 евра.