Оспособени патни правци по поплавите во демирхисарско

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Обилните врнежи од дожд предизвикаа големи оштетувања и поплави кои ги зафатија населените места на територијата на Општина Демир Хисар. Од општината велат дека веднаш воспоставиле соработка со месното население во Горни Демир Хисар и ЈКП “Комуналец” Демир Хисар, каде што беше расчистено свлечиштето кое го имаше прекриено локалниот пат во с. Вирово.

Се овозможи и помош на локалниот пат за с. Мало Илино каде што врнежите предизвикаа големи проблеми. Интервенцијата е завршена со две градежни машини и патот е прооден. Се користише овој период на суво и стабилно време без врнежи да се санира комплетната зафатена површина. Водостојот е стабилен и дежурни екипи ја набљудуваат состојбата на речното корито.

Од центарот за управување со кризи соопштија дека имало излевање на Река Црна на повеќе места по должината на речното корито, на потегот од село Доленци до село Бучин, при што поплавени беа поголеми обработени земјоделски површини.

Во село Базерник со помош на мештаните деновиве максимално се работеше на решавање на проблемите. Саниран е патот кон селото и интензивно екипите работат на терен.

Поради топлото време, во наредниот период се очекува и нагло топење на снегот и зголемување на водотеците, особено во западните и јужните делови. Екипите на уличното осветлување извршија санација и повторно вклучување во неколку демирхисарски села, велат од општината.

Вчера доцна попладне Центарот за управување со кризи соопшти дека во Демир Хисар по обилните врнежи од дожд забележано е излевање на реките Боишка и Церска при што е предизвикано оштетување на неколку места на патниот правец Р 29371 помеѓу селата Вирово и Боиште. Се работи за земјен пат кој по оштетувањата е непрооден за моторни возила.

Во текот на вчерашниот ден со градежна машина на ЈКП „Комуналец се извршуваат работи на оштетен насип на река Обедничица во нас.Мургашево.

На патниот правец с.Смилево – крак за манастир Св.Петар има одрони од земја и истиот е непрооден, а во текот на денот ќе се изврши расчистување на одроните, соопштуваат од Центарот за управување со кризи.

Со престанувањето на врнежите се бележи постепено намалување на водостоите на хидролошките станици од погорните сливни подрчја, меѓутоа водостоите се сеуште високи кај сите реки во земјава, особено кај реките-Вардар, Треска, Црна и Пчиња. Сеуште се забележуваат локални излевања и појава на заезерени површини.

Share.