ТЕРА

REKLAMA???

ОТВОРЕНО 31 ИЗДАНИЕ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ФЕСТИВАЛ НА КЛАСИЧНА МУЗИКА „ИНТЕРФЕСТ“

Со двете балетски претстави: „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“ во изведба на уметниците од Македонската опера и балет, синоќа во Битола почна 31. издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“. Фестивалот го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој нагласи дека локалната самоуправа, продолжува да биде поддржувач на овој значаен фестивал на кој гостуваат врвни музички имиња од целиот свет.

” Годинава, на 31 издание на фестивалот очекуваме дека учесниците од Србија, Австрија, Италија, Унгарија, Турција и Германија, ќе заминат со импресии за битолската култура, за прекрасната концертна сала во Офицерскиот дом со најубавата акустика, која за првпат годинава се става во функција на изведба на концертните настапи кои се дел од „Интерфест“. 

Неуморноста на брачниот пар Шперовиќ-Рибарски и годинава е бедемот на организационите настани и концерти на фестивалот, кои креирајќи една прекрасна програма, ја вклучуваат и изведбата на театарската претстава „Демони“, а фестивалот го збогатуваат и со поетска вечер и ликовна изложба. Со оваа програма, се овозможува да допре до нас звукот на пијаното, харфата, трубата, виолината, виолата, гитарата, зачинети со убавиот изговорен збор, надополнет со визијата на уметникот, изразена на платно“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски во своето обраќање.

Фестивалот континуирано се одржува 31 година. На сцената пред присутните се обрати уметничкиот директор Милица Шперовиќ-Рибарски. На манифестацијата професорот Александар Стерјовски и подари книга на Шперовиќ.

Сценографијата за претставите е на Марија Ветероска, а костимите на Марија Пупучевска.

Публиката имаше можност да го слушне прекрасното дело „Кармен” на Жорж Бизе во моќната и несекојдневна оркестрација на Родион Шчедрин како и „Валпургиска ноќ” на Шарл Гуно во изведба на оркестарот на македонската опера и балет. Овие две претстави иако и досега биле поставувани сега битолската публика ги погледна во едно ново руво, со една современа нота, поинаку од она што било работено некогаш.

Во Кармен настапуваа: Мими Поп Алексова Атанасовска, Балаж Лочеи (Унгарија), Мирослав Митрашиновиќ, Ивана Димкоска, Игор Веланоски, а во „Валпургиска ноќ“: Марија Кичевска Шокаровска, Саша Евтимова, Ивана Коцевска, Игор Веланоски, Илијана Данилов, Ендру Кук (Англија).

Вечерва, „Интерфест“, продолжува во Офицерскиот дом со ликовната изложба „Пат за Дихово“ и рецитал на Мерсиха Шукри. Фестивалската програма ќе трае до 12 октомври.