Отворен ден на Факултетот за Биотехнички науки од Битола

0
584

Најстарата високообразовна единица која што функционира при Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола, Факултетот за Биотехнички науки од Битола, денес ги отвори вратите за идните студенти. На Отворениот ден, присутните матуранти од Битола, Прилеп, Крушево и Демир Хисар, имаа можност да ги разгледаат просториите на факултетот, да се запознаат со наставниот кадар и студиските програми, да се запознаат со условите за студирање, а ги разгледаа и лабараториите, со цел да добијат вистинска слика за темите кои се изучуваат на секоја од насоките.

-Денес организираме Отворен ден со цел да ги запознаеме идните студенти што значи студирањето на Факултетот за Битотехнички науки во Битола. За почеток одржавме кратка презентација за целиот факултет. Студентите денес ги пречекавме со отворена врата, да можат да влезат во сите лабаратории и да видат што се работи таму. Ја посетија лабараторијата за млеко, лабараторијата за месо, лабараторијата за контрола на храната. Со тоа што го погледнаа целиот процес на работа, се надеваме дека ќе привлечеме студенти, и ќе видат средношколците дека нашите студии се темелат на повеќе практична настава од теорија, рече проф.д-р Љупче Кочоски, декан на Факултетот за Биотехнички науки.

Во кругот на Факултетот за Биотехнички науки имаше и штанд со музика, а студентите кои студираат на оваа високообразовна единица им делеа флаери со студиските програми. Моментално на факултетот функционираат 4 студиски програми за прв и втор циклус на студии: Студиска програма Технологија на анимални производи, Студиска програма Агроменаџмент, Студиска програма Квалитет и безбедност на храна, и Студиска програма Зоотехника и една Студиска програма за трет циклус на студии Технологија и безбедност на анимални производи. Деканот на факултетот вели дека освен теоретскиот и практичниот дел, студентите во текот на студиите се вклучени и во изработка на научно-истражувачки проекти за учество на конгреси и симпозиуми.

-Ние се обидуваме што повеќе да ги анимираме нашите студенти, во смисла да не биде тоа само предавање и вежби, студентите се вклучени и во повеќе проекти. Наставниот кадар ги подготвува за учество на конгреси и симпозиуми со научни трудови, каде што можам да кажам дека секогаш нашите студенти се враќале со награди, освоени прво, второ и трето место, додаде проф.д-р Љупче Кочоски

По Отворениот ден, факултетот за Биотехнички науки студиските програми ќе ги презентира и пред средношколците од Ресен, Охрид, Струга, Дебар, Кичево и Македонски брод.