Отворен Меморијалниот комплекс на француските гробишта во Битола

0
859

На Француските гробишта во Битола денес беше отворен Меморијалниот комплекс за жртвите од Првата светска војна, кои ги загубија животите на Македонскиот фронт во 1918 година. На свеченоста присуствуваа голем број на дипломати, воени атешеа, конзули, како и државниот  секретар во Министерството за вооружени сили на Франција Женевјев Дорјесек и министерката за одбрана на Македонија  Радмила Шекеринска , кои со положување на венци им дадоа почит на војниците кои што тука ги загубиле животите.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние испрати пораки  за мир и простување.

Говорејќи пред присутните, министерката Шекеринска рече дека овој настан од заедничката историја на двете држави заслужува почит и дека е потсетник за заедничка должност да се учи од минатото.

Меморијалниот комплекс во Битола е посветен на споменот на француските војници кои се бореле на Македонскиот фронт, како и на локалното население кое ја доживеало таа војна, заедно со нив. Сместен на Француските воени гробишта кои постојат во овој град уште од крајот на Првата светска војна, овој нов меморијален простор им оддава почит на војниците и зборува за значајното место што Македонскиот фронт го има во европската историја.Пред присутните гости се обрати и градоначалничката на Битола Наташа Петровска.

Управата за заштита на културното наследство го запиша овој настан во агендата на Европската година на наследство, истакнувајќи дека станува збор за заеднички историски настани што се случиле на европскиот континент.