Откриена спомен бистата на првоборецот Ѓорѓи Наумов

Денеска во Градскиот парк во Битола, свечено беше откриена спомен-бистата на првоборецот Ѓорѓи (Георги) Наумов од страна на претседателот на Сојузот на борци – Битола, Александар Трајковски и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска. После официјалните обраќања, беа рецитирани и неколку песни посветени на овој херој од страна на ученици од ОУ „Елипида Караманди“ под раководство на наставничката Фанче Јошевска. Со цел да му се оддаде почит на Наумов, на неговото дело и живот, голем број делегации денеска положија свежо цвеќе на новопоставената биста. Присутни беа и роднини и наследници на Наумов.

„Ѓорѓи Наумов како борец на Првиот партизански одред ненадејно беше фатен од страна на бугарската фашистичка полиција и однесен во затвор. Родителите на Ѓорѓи и Стив Наумов дознаа за смртта на своите деца дури после ослободувањето на Битола на 4 ноември 1944. Фамилијата даде два синови, горостаси за слободата на нашата земја“, посочи Трајковски.

„Денес е посебен ден, кога поставуваме уште една биста, бистата на Ѓорѓи Наумов, во алејата на паднатите борци од НОБ,. Оддаваме конечно почит онака како што заслужува човекот кој што го даде најдрагото, својот живот, за да ние денес бидеме овде и ги имаме благодетите на слободата, за која што токму македонците како него, ги дадоа своите животи.. Посебна благодарност сакам да укажам до семејството Наумов, затоа што кога зборуваме за НОБ и кога зборуваме за каузата која што нашите македонци ја имаа во тоа време, презимето Наумов е испишано со златни букви. Токму на ваков начин можеме да потврдиме дека сме свесни, кои сме, каде сме, зошто сме. Само така можеме да ја сочуваме нашата македонштина, да се сочуваме себеси. Тоа се прави со дела“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Изработката на бистата ја финансираше АМД „Ѓорѓи Наумов“ од Битола.

Директорот Јонче Лајмановски истакна дека ова автомото друштво веќе 75 години гордо го носи името Ѓорѓи Наумов, а оваа биста е само уште еден показател за почит кон неговото дело.

Трајковски вели дека  се надева дека ќе се реализира и иницијативата за спомен биста и на генерал Васко Карангелевски.

Сподели