ТЕРА

REKLAMA???

ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗАТВОРИ 10 МАРКЕТИ НИЗ МАКЕДОНИЈА

Од 19 септември, кога е донесена првата владина Одлука за намалување на цените, направени се над 550 надзори, издадени се преку 32 платни налога и изречени се казни во висина од 6,320 милиони денари.

Казните се за непочитување на Одлуката, но и за примена на нечесни трговски практики, а се постапува согласно Законот за заштита на потрошувачите, соопшти директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски и информира дека се затворени 10 маркети: во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и Струга.

Како што истакна Трајковски на прес-конференција, меѓу овие десет маркети нема ниту еден од петте што беа првично затворени.

Директорот на ДПИ повтори дека до намалените цени на производите треба да стои ознаката „гарантирана цена“, а до оние, дополнителните, што се самоиницијативно поевтинети од маркетите, треба да има соодветната ознака која тоа јасно го покажува.

Тој апелира до сите нерегистрирани трговци, да се регистрираат најдоцна до 15 октомври зашто потоа, најави, ќе следуваат засилени контроли.

-Изминатите 10 дена се уверивме дека секој што не ја почитува владината мерка ќе биде казнет, а секој што ќе применува нечесни трговски практики ќе биде затворен и тука нема да има компромис за никого. Така ќе биде и во иднина, нема да има компромис и ќе биде казнет секој што нема да ги почитува мерките и одлуките на Владата, а оној што ќе го повтори прекршокот ќе биде затворен на подолг временски период, подвлече директорот.

Целта на ДПИ, повтори Трајковски, не е компаниите да бидат затворени, туку да се почитуваат одлуките.

-Сите овие одлуки се донесени во корист на граѓаните. Сите сме свесни дека и првичните одлуки не се применуваа и дека паричните казни не беа добра практика. Временскиот период од пет дена што го имаа да се прилагодат, а тоа се големи трговци, е доволен и убеден сум дека можеа да си ги исправат грешките. Нема да оставиме простор за непочитување на одлуката, ниту ќе дозволиме потрошувачите да бидат доведувани во заблуда. Не е фер, кој било од граѓаните да се појави во некој маркет и да види, на пример, дека цената на јогурот е 109 денари пред донесување на одлуките, но дека е иста и потоа, по донесувањето на одлуките, а има ознака „гарантирана цена“. Со тоа се доведува во заблуда грашанинот/потрошуваќот и како што реков, компромис нема да правам за никого, нагласи директорот на ДПИ.