Палмер: Нема потреба од средби со Мицкоски и Иванов

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Заменик помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер ја смета за историска одлуката од петокот на Парламентот и почеток на интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

Тој ја поздрави одлуката на 80 пратеници кои гласаа „за“ и им честираше на оние осуммина од опозицијата на храброста да се одважат да гласаат за интересите на земјата, а не на партијата.

Палмер очекува и амандманите да добијат поддршка во Собранието. На брифингот со новинари, Палмер рече дека остварил средба со 30 пратеници од сите пратенички групи, меѓу кои и пратеници од опозицијата кои гласале за почеток на постапката за уставни измени.

Тој изрази загриженост дека некои биле изложени на притисоци и закани. Рече дека со лидерот на ВМРО ДПМНЕ не се видел и дека за тоа нема потреба, бидејќи како што рече, се што требало да му биде пренесено и се што требало да се каже било во писмото на Вес Мичел. Исто така, тој рече дека нема потреба да се сретне ниту со претседателот Иванов.

Премиерот Зоран Заев рече дека со Палмер се согласиле дека одлуката за пристапување кон уставни измени на 80 пратеници во петокот има историско значење. Со нивната одлука, вели Заев, Македонија се оттргнува од заканата да се врати кон темното минатото и се спречува ризикот од нова изолација.

„Гласот на пратениците е и глас против нови политички кризи. Светот го види и го препозна тоа, сите наши сојузници ја поздравија покажаната државничка одговорност. Одлуката на пратениците е и поттик да ја отвориме следната страна на убавата историја, да почнеме да ги испишуваме политичките настани со политичко помирување, простување и обединување, кое ни е потребно како никогаш досега“, рече Заев.

Палмер претходно се сретна и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и со лидерот на Беса, Биљал Касами, со претседателот на ДПА, Мендух Тачи, со министри и со пратеници во Парламентот. На средбите се разговарало за последните политички случувања во земјата, спроведувањето на Договорот од Преспа, реформите, како и евроатлантската интеграција.

Share.