Параглајдеристот Мартин Јованоски на Светскиот куп во Турција

Македонија, можеби е мала земја, но докажано раѓа спортисти со врвни квалитети. Во параглајдингот можеме да се пофалиме дека имаме пилоти кои важат за едни од најдобрите во светот.

Светските параглајдинг асоцијации ја опишуваат Македонија како земја позната по одлични места за параглајдинг и препознатлива по овој спорт.

Доказот дека Македонија го живее своето ‘златно време’ во овој спорт повторно се потврди годинава со врвните успеси и победи, на нашите пилоти на повеќе интернационални натпревари.

Уште една шанса да се претстави спортскиот дух на Македонија, ни донесе параглајдеристот од Прилеп Мартин Јованоски, кој учествува на Светскиот куп во Аксарај, Турција кој се одржува од 4 ти до 11 ти септември, куп каде учествуваат само најдобрите.

Во неколку трки е на првите три места, а во генералниот пласман е убедливо на првото место.

Мартин е претседател на комисијата за параглајдинг – прецизно слетување при Светската Воздухопловна Федерација, (ФАИ) .

Одличен спортист кој лета од свои 11 години, организатор на големи спортски настани и инструктор.

-Навистина е голема чест да имаш свој човек во таква светска организација-истакнуваат од воздухопловата федерација на Македонија.

Последната трка на овој куп е во текот на утрешниот ден .

Можностите да се претстави спортскиот дух нашата земја ги имаме и со поканата од Интернационалната асоцијација, македонската репрезентација да учествува во полн 4-член состав на претстојното Светско првенство 2021, кое ќе се одржи од 31-ви Октомври до 13-ти Ноември во Аргентина.

Репрезентацијата е во состав Александар Гацевски, Дарко Станковски, Мартин Јованоски и Владимир Неделковски.

Заради немање доволно средства параглајдеристите се обидуваат преку донации да стигнат до 10.000 евра.

Тие испратија јавен апел до сите што можат да им помогнат да донираат на нивната страна или, велат, барем да ја споделат пораката на социјалните мрежи, за таа да стигне до што повеќе луѓе, а тие да пробаат да ги соберат потребните средства.

-„За жал, земјата во моментот не одвојува доволно средства да се покријат трошоците. Спортистите се финансиски целосно исцрпени од изминатите натпревари и не можат да ги покријат и овие трошоци, кои за целиот тим изнесуваат околу 10.000 евра“, велат тие.

Донациите ги собираат преку страницата WhyDonate.

Светското првенство 2021 во параглајдинг стартува на 31 октомври.

 

Неда Маретиќ

 

Сподели