Пари за ФК Пелистер и за настраданите во земјотресот во Албанија

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Советот на општина Битола на денешната 47 седница донесе одлука паркинг просторот кај „Стара болница“ да го преземи Јавното претпријатие „Паркинзи“. Одлуката како што рече претседателот на Совет Валентин Груевски, е на барање на жителите од околните згради.

-Ќе го задолжиме Јавното претпријатие „Паркинзи“ да го преземе паркингот кај „Стара болница“. По барање на граѓаните и по изработка на соодветните документи во наредниот период ќе изврши преземање на тој паркинг кој ќе биде платен паркинг а станарите кој живеат во околните згради ќе можат да се паркираат по повластена цена од 200 денари месечно, рече Валентин Груевски претседател на Совет.

Опозицијата обвини дека власта реагира задоцнето на барањата на граѓаните.

-Барањето на граѓаните од тој дел на градот е многу од поодамна, зошто задоцнето реагира локалната власт на сите барање на граѓаните навистина не е разбирливо, нормално дека ќе ја поддржиме таа одлука меѓутоа сметаме дека други граѓани кои живеат во други делови од градот се дискриминирани затоа што некако испаѓа дека се во некоја поповолна ситуација токму граѓаните од тоа населено подрачје, рече Иванчо Тошевски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Советниците донесоа одлука од буџетот на општината да се одвојат еден милион денари за настраданите во земјотресот во Албанија.

-Ќе донесеме одлука за доделување на финансиска помош за настраданите во земјотресот во Р.Албанија. Од Буџетот на општина Битола ќе одвоиме 1 милион денари и се приклучуваме на акцијата која се спроведува во нашата држава за помош за настраданите во земјотресот, рече Груевски.

-Ова е тема која што ја разговаравме наназад во Советот на општина Битола, разговаравме меѓу нас и тука сме согласни доколку тоа не беше предложено од власта, бидејќи ние како опозиција не сакавме да ја злоупотребиме оваа тема, трагедијата на населението на нашите комшии од Р.Албанија не сакавме да ја злоупотребиме за евтини политички поени, и токму поради тоа бевме трпеливи и сочекавме власта да ја предложи и ќе ја поддржиме, рече Тошевски.

Советниците ја зголемија и финансиската помош за ФК Пелистер.

-Ќе ја измениме програмата за активности во областа на спортот, односно ќе ја зголемиме помошта кон Фудбалскиот клуб Пелистер за 2 милиони денари за оваа година, рече Груевски.

Сите одлуки кои што се предложени од страна на власта за финансиска поддршка во спортот ги поддржуваме , така што ќе ја подржиме и оваа Одлука, рече Тошевски.

-Меѓутоа побаравме како опозиција за што ќе бидат искористени тие дополнителни 2 милиони денари, одговорот не го добивме ниту ние ниту јавноста, нормално ќе ја поддржеме одлуката меѓутоа треба јавноста да знае сепак зошто се потребни дополнителни 2 милиони денари до крајот на оваа година за успешно функционирање на ФК Пелистер, рече Тошевски.

На денешната седница на Совет пред советниците се најдоа и точките за разрешување и именување на членови во Управните и Надзорните одбори во Јавните претпријатија „Пазари“, “Водовод“, „Комуналец“, како и во ЈП за урбанистичко планирање, проектирање и инжинеринг. Советниците расправаа и за разрешување и именување на членови во Управниот одбор во ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“ како и разрешување и именување на членови во Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во Битола.

Share.