Пелистер го надигра Кадино и побегна на врвот на табелата

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Фудбалерите на Пелистер го совладаа Кадино со 2-0 (1-0) и уште повеќе се одлепија на врвот со оглед на поразите на Лабуништа и Дрита.

Битолчани брзо се заканија преку Главевски и Бошковски, но до водство чекаа повеќе од половина час. Во 32. минута Љамчевски убаво пласираше со левата нога од позиција на напаѓач по десната страна и Антонио Ивановиќ беше немоќен (1-0).

Одличен беше домашниот голман Трајчевски кој двапати му одбрани удари на Десниќ, првиот на крајот од првиот, а вториот на почетокот од вториот дел. Кадино беше подобар ривал во поле во вториот дел, но без сериозни закани по битолскиот гол.

Најголемата шанса ја имаа Главевски и Маневски, кои излегоа сами пред Ивановиќ, но гостинскиот голман им одбрани зицер во 75. минута. Маневски се обиде со глава во 85. минута, по центрашутот на Неданоски, но неговиот удар заврши крај дирекот. Победата ја потврди Дарко Анѓелески со ефектен гол со глава во 90. минута по одличниот центрашут на Благоја Љамчевски.

 

Share.