„За жал поради опструкциите од надвор, но најмногу од политичката опозиција внатре, ја отворивме само првата меѓувалдина конференција и застанавме тука. Опозицијата никако да се согласи дека не треба да става сопки на европскиот пат на Македонија“ рече претседателот Стево Пендаровски на граѓанскиот митинг во Тетово.

Тој додаде дека политичката струкутра од која е дел по 17 години чекање ги започна преговорите со ЕУ, а претходно ја оствари и стратешката цел за членство во НАТО.

„Оваа политичка структура која седум и полг одини со многу тешкотии и размислување, но со комплетна заштита на македонскиот јазик и идентитет успеваше да ги помине сите препреки и да ја внесе малата Македонија во друштво на светските колоси – Германија, Франција, Америка, Канада“ рече Пендаровски.
Претседателот додаде дека доколку нема блокади од внатрешната опозиција за четири-пет години ќе завршат преговорите со ЕУ и ќе станеме полноправна членка на Унијата.

„Тоа е единствениот пат за развој и за намалување на иселувањето на младите кои се селат во таа ЕУ и во државите од евроатлантскиот сојуз“ рече Пендаровски.
„Ние сме големи поддржувачи на Северна Македонија и на вашиот пат кон ЕУ. Внимателно ги следиме овие важни избори и сите зборуваат за Европа, но само еден од кандидатите навистина ќе ве однесе во Европа“ рече австрискиот европратеник од партијата на Европските социјалисти, Андреас Шидер од граѓанскиот митинг на претседателот Стево Пендаровски во Тетово.

Тој додаде дека посакува Стево повторно да биде претседател бидејќи тој е гарант за европската иднина.
„Тој е гарант за вистинска европска иднина за вас и вашата земја. Тој е единствен гарант за тоа. Но, втoрата причина е што тој е најдобриот претседател што може да го имате“ рече Шидер.

Европратеникот му посака среќа на претседателот Пендаровски, порачувајќи му дека иднината е негова и ги повика граѓаните на Северна Македонија да гласаат за Стево.













