Поранешната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска која неколку пати беше споменувања околу проектот „Smart4You2“, се огласи со реакција преку отворено писмо до медиумите. Во него меѓу другото таа пишува:
„Имам разбирање за оние, кои во паника од неисполнување на изборни ветувања заради неможност да си обезбедат пари или можеби лошо менаџирани пари, имаат потреба за користење на парите кои биле обезбедени за нешто друго. Токму затоа сакам да порачам, умешноста не е во добивање на битката на тоа што е поприоритетно, кој е во право. Умешноста е да обезбедите пари и да ги направите и двете работи кои ги оценувате/споредувате за приоритетност. Јасно, за да се успее во тоа, не само што треба да се обезбеди финансиски извор, туку треба и парите со кои се располага да имаат 0% на интерес кој не е јавен“ стои во отвореното писмо.
Петровска вели и дека кога го реконструираше Офицерски не го стопирала Стадионот, иако за него имаше само обврска, а не обезбедени пари.
„Значи ги обезбедив средствата и за двата зафати, и за Стадионот и за Офицерски“ вели таа.
И додава дека сега треба да е далеку полесно да се изведат и двата зафати за кои се води полемика, токму заради тоа што можноста за едното ја наследивте.
„Значи, ДА, на Битола и требаат и велосипедски патеки и Парк. Но кога изборно ветувавте велосипедски патеки, се надевам не мислевте на парите од Парк, оти ако било така, не сте требале да го потпишите договорот на 30.12.2021 кој коректно го оставив непотпишан за да имате можност да нијансирате со свои сугестии. Но потпишавте. Дополнително во службен гласник бр.1 од 12.01.2022, стр. 2 објавен е заклучокот на изгласаност на кофинансирањето. ВИЕ ги спроведовте овие активности, не јас, јас само ви отворив можности (не велам можност) која очигледно е успешно изјаловена, Бог само знае до каде. Камо мене да ми имаа оставено можности наместо долгови“ вели Петровска.