Петровска се сретна со светската рекордерка Оливера Наковска-Бикова

0
520

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска и честиташе на својата сограѓанка, носителката на бронзениот медал од Светското првнство во Чеонгју, Јужна Кореја, битолчанката Оливера Наковска-Бикова.

Светската рекордерка, која на денешната средба во општина Битола, гостуваше заедно со претседателот на сојузот за спорт и рекреација на инвалиди, Васко Стефановски, ги искажа своите импресии од учеството во сите три дисциплини на светското првенство кое се одржа во периодот од 1 до 12 мај.

Првиот ден, во дисциплината спорт – пиштол, 25 метри микс, во која учествуваа мажи и жени, во официјалниот дел со резултат од 569 круга, Наковска – Бикова обезбеди квота за директно учество на Параолимписките игри во Токио 2020. Посебно радува и за пофалба е фактот што од 8 натпреварувачи, Наковска – Бикова, беше единствената претставничка од понежниот пол.

Големиот успех, трето место – бронзен медал, Наковска – Бикова го освои во дисциплината воздушен пиштол 10 метри со резултат од 570 круга, со што го изедначи светскиот рекорд.

На денешната средба, Градоначалничката Петровска поддржувајќи го успехот, искажа подготвеност за понатамошна поддршка на спортистите со инвалидитет.

Наковска – Бикова, заблагодарувајќи се на приемот и наградата од градоначалничката, нагласи дека ваквата поддршка за неа претставува дополнителен стимул за максимално ангажирање и понатамошни подготовки, со цел и во иднина, достојно и со високи резултати, да го претставува нашиот град Битола, во светот, соопштија од општината.