Пијано рецитал и предавање „За развојот на македонска национална композиторска школа„ денес на Интерфест

Денес програмата на Интерфест, продолжува со онлајн предавањето за македонското музичко творештво на музикологот, професор д-р. Викторија Коларовска Гмирја, предавање за македонското музичко творештво. 

„Во предавањето ќе стане збор за процесот на формирање и развој на македонска национална композиторска школа – исклучително важна појава во историјата на националната музичка култура. Ќе се посочат основните етапи на овој процес и карактеристични примери на музички дела од композиторите-припадници на различни генерации кои придонесуваа и придонесуваат за етаблирање на различни жанрови, стилски карактеристики, композиторски техники, што, се‘ заедно, создава обемна и разновидна слика на македонското професионално композиторско творештво„, истакна во разговорот за Тера телевизија професорката д-р Викторија Коларовска-Гмирја.

За фестивалот на класична музика кој оваа година одбележува 30 години постоење, ни изјави:

Интерфест Битола сиве овие децении претставува еден од најзначајните настани во музичката култура на Македонија, благодарејќи на неуморната посветена работа на неговите основачи и уметнички раководители, истакнати македонски уметници Милица Шперовиќ Рибарски и Кирил Рибарски. Сиве овие децении Интерфест Битола цврсто стои на својата позиција промотор на класичната музика. Со таквата доследна програмска определба фестивалот има големо значење за вкупната слика на музичкиот живот во Македонија, а придонесува и за самиот град Битола кој има своја богата традиција на класичната музичка уметност и образование. На фестивалските подиуми настапуваат врвни уметници, но им се отстапува простор и на младите, со што се поттикнуваат нивните уметнички кариери. Од големо значење се и придружните активности – мастер-класи, предавања и сл. – кои ја докомплетираат програмата. Честит јубилеј и да се множат фестивалските изданија со кои се зацврстуваат трајните вредности„.

Проф. д-р. Викторија Коларовска-Гмирја дипломирала на Одделот за музикологија на Санктпетербуршкиот државен конзерваториум „Н.А. Римски-Корсаков“ (Русија) и на Одделот за пијано на Факултетот за Музичка уметност – Скопје. Магистрирала на ФМУ – Скопје на Одделот за музичка теорија и педагогија. Во 2008 г. на истиот факултет одбранила докторска дисертација „Детерминанти на музичката култура на учениците во I одделение на основните училишта во Скопје“. Предава група теориски предмети на додипломските и последипломските студии на ФМУ – Скопје. Има објавено повеќе статии и други написи од областа на музикологија и музичка педагогија, член е на редакцијата на списанието „Музика“ (издание на СОКОМ). Учествувала на бројни меѓународни конференции и семинари по прашањата на музичката култура и музичкото образование. Како пијанист-соработник настапувала со реномирани македонски солисти на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, „Меѓународна трибина композитора“ (Белград, Србија и Црна Гора, „Жени-креаторки меѓу двете мориња“ (Солун – Грција) и др. и учествувала во бројни премиерни изведби на дела од различни епохи и стилови. Остварила повеќе снимки за МРТВ. Добитник е на наградата „Георги Божиков“ која ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија за најуспешната интерпретација на делата на македонските композитори.

Предавањето ќе започне во 19 часот.

Програмата денес продолжува со рециталот на пијанистот  Емил Рибарски, кој ќе изведе дела од Лист, Равел и Шопен. Рециталот е со почеток од 20 часот.

Неда Маретиќ

Сподели