ТЕРА

REKLAMA???

ПЛАТНО, АУГМЕНТАТИВНА РЕАЛНОСТ-ИЗЛОЖБА НА САНДРА КОТЕВСКА

Платно,аугментативна реалност е насловот на самостојната изложба на Сандра Котевска која пред самиот почеток на 2023 година беше презентирана во просториите на битолската Магаза.

„Благодарност до посетителите без кои настанот немаше да помине толку убаво, и секако благодарност на соработниците односно луѓето без кои немаше ни да постои во ваква проширена реалност, и мултимедијална форма: Билјана Исијанин, Милан Петровски, Маријана Котевска, Александар Гулевски, Симоне Калица и Министерството за култура“, напиша Сандра на социјалните мрежи.

За изложбата Билјана Исијанин вели:

„Во овој настан Сандра Котевска ги вовлекува посетителите во еден интерактивен чин, без кој тој би бил само изложба на едно дело (акрил на платно со парчиња огледало) на кое се претставени нафрлани стари столици од некогаш заборавена институција како метафора за општество што пропаѓа поради постојаната контрола што ни ја наметнуваат институциите и промовира контролирана уметност што не ѝ дозволува на индивидуата да се менува (а со тоа да се менува и општествената стварност). Парчињата огледало што авторката ги аплицира врз насликаното платно ги рефлектираат нашите деформирани одрази кои го наметнуваат прашањето за тоа дали ќе продолжиме да живееме во свет во кој, според Бодријар, се соочуваме со една нова иднина без иднина. Но, авторката ни посочува излез – со аугментативната реалност ние сме вовлечени во искуството во кое од пасивни набљудувачи стануваме активни учесници иако можеби не сме ни свесни дека на тој начин ризикуваме да станеме контролирани од алгоритми“.

Сандра Котевска е уметник кој преку своите дела ги истражува и ги истакнува духовните и чувствителните вредности и убавини на човекот. Родена е во Битола, 1990 година. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Има реализирано неколку самостојни изложби во земјата и странство, а учествувала и на голем број групни изложби.

Изложбата може да се посети секој работен ден од 12 до 14 часот до 13.01 во битолската Магаза.