Повеќе од 800 уметници на „Охридско лето“

0
131

Честа да го отвори годинашното фестивалско издание припадна на романската оперска дива Елена Мошуц, која во четврток, 12 јули, на Античкиот театар ќе настапи задно со тенорот Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Николае Молдовану.

Мошуц, Братеску и Молдовану задутре ќе пристигнат на скопскиот аеродром, од каде веднаш ќе се упатат кон  Охрид. Оперската дива ќе биде сместена во апартман во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид. Оперската певица немала никакви посебни побарувања околу сместувањето и исхраната. Критиката  ја вбројува Мошуц меѓу петте најдобри сопранистки на денешницата, со репутација на еден од најразновидните и експресивни сопрани на својата генерација.

Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија.

Градот Охрид и Националната установа „Охридско лето“ ги завршуваат последните подготовки за претстојното 58 по ред издание на најголемата и најреномираната музичко-сценска манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“.  Сè е подготвено за претстојните 40 дена возбуда што пред бројната фестивалска публика ќе ја донесат повеќе од 800 уметници од 27 држави од Европа и целиот свет, славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации.

Како што изјави за МИА в.д. директорката на „Охридско лето“, Сузана Вренцовска, благодарение на посветеноста и залагањата на фестивалскиот тим, завршени се сите подготовки за да бидат достојни домаќини на бројните уметници и вљубениците во уметноста. Целосно се заокружени активностите околу доуредувањето на сценските простори каде што се одржуваат настаните на фестивалот „Охридско лето“, секоја година од 12 јули до 20 август. Фестивалската дирекција во соработка со Општина Охрид и општинските јавни претпријатија го санираа гледалиштето во предворјето на црквата „Света Софија“, со целосна замена на оштетените дрвени седишта и елементи.

„Новиот лик на гледалиштето не само што е добар од естетска гледна точка, туку е важен и од безбедносни причини бидејќи старите и веќе дотраени штици претставуваа опасност за гледачите“, рече Вренцовска за МИА.

Заводот за заштита на спомениците и Музеј од Охрид ги санираше и скалите на најголемата и најатрактивната фестивалска сцена, Античкиот театар, каде што по традиција се одржува отворањето на Фестивалот. Со реконструкцијата на дрвенаријата се надминува проблемот со оштетените скали, што го оневозможуваше пристапот на публиката во долниот дел од гледалиштето.

Според директорката Вренцовска, сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани на фестивалот се оспособени за уметниците, како  и за посетителите кои секоја година ги има во голем број, а како проект што ќе се реализира од следната година е изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот.

„Охрид како град е сцена каде можат да се реализираат настани од фестивалската програма. Монтажното гледалиште ќе ни овозможи да имаме настани насекаде низ градот. Исто така, планираме следната година да аплицираме до Министерството за култура во рамките на програмата за инвестиции и за монтажна сцена. „Охридско лето“ е нашата најголема манифестација и заслужува да ги има сите потребни услови за врвни настани“, истакнала Вренцовска.

Со Полската амбасада ќе се реализира концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, Францускиот институт ќе ги донесе светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, како и концерот на сопранот Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер, кои ќе настапат преку соработката со Амбасадата на Шпанија во Скопје. На програмата се и украинската вечер со настапот на Украинскиот камерен оркестар, потоа Кинеската вечер со настапот на Кинескиот бамбус-флејта оркестар, концертот на јапонско-турското „Сора дуо“, канадскиот пијанист Еуген Скороводников.

Од концертите наменети за пошироката публика како особен се издвојува настапот на казахстанскиот камерен оркестар .Академи оф солист“.

На „Охридско лето“ ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Музичката младина на Македонија, посебни рецитали на домашни уметници.

mkd.mk