Подвижниот музички театар ја воодушеви публиката на Охридско лето

0
249

Современа драмска опера каде музиката не e  само декор, туку и начин на комуникација, донесе драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ преку театарската претстава „Девојчето со жиците“ од Марјан Неќак и Маја Хрговиќ.

Претставата е копородукциски проект на  Словенечкиот народен театар СНГ Драма Љубљана и Подвижен Музички театар од Битола и се одигра на сцената Долни сарај .

Според селекторот на драмската програма на фестивалот, Александар Поповски, станува збор за одличен проект во кој играат актери од еден многу голем словенечки театар којшто е важен не само за Словенија, туку и за поширокиот регион.

Режисерот и еден од авторите на театарската претстава „Девојчето со жиците“, Марјан Неќак, истакна дека посебно е чувството да се игра претставата токму на фестивалот „Охридско лето“, бидејќи како што рече, концептот на самиот фестивал е театар и музика, а овој проект ги има и едното и другото.

-„Девојчето со жиците“ е претстава за слободата, уметникот, многу други интимни теми коишто ги имаме сите луѓе. Секој човек може да се поистоветува со самата приказна. Начинот на којшто ја градевме и ја работевме претставата е специфичен и бара малку повеќе време, една поинаква концентрација и поинаква љубов. Такви се актерите од Драма Љубљана, посебно тие што ги одбрав за да ја работиме оваа претстава кои беа исклучителни во смисла дека ова може единствено само со љубов да се направи, рече Неќак.

Драматургот на претставата Дарја Доминкуш  истакна дека се работи за специфична и комплексна приказна за девојката која патува со воз низ Европа, а всушност целта и е месечината. Таа метафора, според драматургот, важи за сите луѓе  зашто, како што рече,  во секојдневието сите се трудиме да направиме нешто, да патуваме некаде, а во сето тоа брзање би сакале да заминеме на месечината, кон недостижното, кон она за што сонуваме и заради што создаваме музика и уметност.

Улогите во претставата „Девојчето со жиците“ ги играат Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј.

-Мене како актерка ми беше голем предизвик оваа посебна форма што опфаќа песни и интимна драма. Всушност овие песни претставуваат монолози  и на интимната драма и даваат повисоко ниво во однос на интерпретацијата, изјави актерката Церар.

Автор на стиховите во претставата „Девојчето со жиците“ е  Ана Бунтеска. Костимограф е Наташа Филиповиќ, а кореограф Жигањ Крањчар. Музиката, сценографијата и светлото се на Марјан Неќак.