ПОДЕМ: Отстапките и тајното преговарање ги разгоруваат апетитите на неповиканите кумови на Македонија

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

По изјавите за спорот со името, од страна на бугарскиот претседател Румен Радев, Партијата на обединети демократи на Македонија ПОДЕМ уште еднаш повикува на поголема транспарентност во однос на преговорите кои што се водат со Грција за името.

-Слушнавме дека Бугарија се противи евентуалното решение на спорот за името да содржи географска одреденица која ќе биде на нејзина штета.

Очигледно е дека досега направените отстапки кон Грција и тајното преговарање ги разгоруваат апетитите на оние кои, неповикани, сега сакаат да и кумуваат на Македонија и долеваат масло на огнот.

Јавноста мора да знае што точно се преговара и договара со Грција, за да се исклучат секакви шпекулации. Само транспарентниот процес може да ги увери сите дека навистина се работи на решение кое нема да биде на ничија штета. Од друга страна транспарентноста нема да им остави простор за манипулации на оние, кои под превезот на грижата, кријат свои понакви аспирации, кои на овие простори се добро познати со векови наназад,.

Затоа ги повикуваме македонските преговарачи да одговорат пред македонската јавност со каков став настапуваат во преговорите во однос на грчките барања за сложено име за општа употреба.

Ако преговорите и мотивите се чесни никој нема од што да се плаши, ни Заев, ни Ципрас, а најмалку Радев.

Сега кога веќе, нели, сме добри пријатели и со Грција и со Бугарија, ПОДЕМ не гледа зошто би било проблем да се игра со отворени карти.

ПОДЕМ повикува и да се престане со отстапките кон Грција без реципроцитет.

Ако името на аеродромот и автопатот се сменети во знак на добра волја, прашуваме што доби Македонија за тоа. Како Грција ја покажа својата добра волја, додека кај нас се истрча, не само да се донесе одлука за промена на имињата, туку истата и преку ноќ да се реализира.

Ако веќе мораше да се менуваат имињата на аеродромот и автопатот, јасно требаше да и се каже на Грција дека одлуката ќе стапи во сила заедно со решението за името. Не порано!

Што ќе се случи утре ако решение за името нема? Ќе ги враќаме имињата како пишман аџии? Да не зборувам какви идеи тоа ќе им даде и на другите кои не и мислат добро на Македонија, рече Живко Јанкуловски, претседател на ПОДЕМ

 

Share.