Подморниците, бродовите и ракетите се спремни

0
435

Два разорувачи на американската морнарица вооружени со проектили „томахавк“ се на позиција и подготвени за акција, заедно со борбени авиони и подморници, и само се чека наредбата на Доналд Трамп за напад врз Сирија, пишува Си-ен-ен.

САД и нивните сојузници размислуваат дали да ја нападнат Сирија поради наводен напад со хемиско оружје во бунтовничката Дума во близина на Дамаск во саботата, во кој медицинските организации соопштија дека загинале најмалку 70 луѓе.

Трамп во средата ги изненади повеќето свои помошници и Пентагон, објавувајќи на Твитер дека „фини и нови и паметни“ ракети наскоро ќе бидат испукани кон Сирија – најава што дојде пред да биде постигнат договор помеѓу клучните американски сојузници, рекоа повеќе американски и западни официјални лица.

Највисоките воени претставници во средата попладне се собраа во Белата куќа за да разговараат за опциите за Сирија, вели Си-ен-ен, и дека кога Трамп ја пуштил најавата на Твитер, сè уште не била донесена одлука како да се одговори на наводниот хемиски напад.

Секретарката за печатот на Белата куќа, Сара Сандерс, во средата инсистираше дека ракетниот напад и понатаму останува една од многуте опции на масата и рече дека твитот на претседателот не го комплицира планирањето на американскиот одговор.

И американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис во средата рече дека САД сè уште го проценуваат информациите за хемискиот напад, но дека сè е подготвено за воена акција во случај на Трамп да нареди да се нападне Сирија.

Сателитите и други американски летала внимателно ја следат ситуацијата и бараат знаци дека силите на Башар ал-Асад и руските единици го користат предупредувањето за да распоредат оружје и персонал во случај на напад. Заканата со напад може да ги присили САД и нивните сојузници да ја променат листата на потенцијални цели, меѓу кои може да бидат аеродроми, магацини на хемиско оружје или локации околу Дамаск, вели воениот аналитичар на Си-ен-ен Џон Кирби.

mkd.mk