Подолги и пожешки лета на Балканот

0
561

На целата територија на Западен Балкан во скора иднина ќе има пораст на температурите за 1,2 степени Целзиусови, и неминовно ќе продолжи да расте за 1,7 до четири степена Целзиусови, се вели во анализа на Советот за регионална соработка за последиците од климатските промени во тој регион.

До крајот на векот, растот на температурите на подрачјето на Западен Балкан може да биде алармантен, бидејќи може да надмине пет степени Целзиусови во зависност од резултатите од глобалните настојувања да се намали емисијата на штетни гасови, се вели во студијата на Советот за регионална соработка.

Анализите за климатските промени во регионот потврдуваат дека здравјето на луѓето и квалитетот на живот во голема мера се чувствителни на природни непогоди и загубите поради временските прилики, а утврдени се и секторите во кои ќе се почувствува нивното најголемо влијание.

Најтешки последици, според студијата, ќе има во земјоделието, потоа во шумарството, водните ресурси и здравјето на луѓето (зголемен број топлотни удари и продори на заразни болести).

Податоците за Западен Балкан укажуваат на „напредување на суптропска клима кон север при што крајбрежните и јужните подрачја ќе бидат исклучително топли и суви за време на летниот период, кој според очекувањата, до крајот на векот ќе трае еден до два месеци подолго“.

Според истражувањето на јавното мислење „Балкански барометар за 2017 година“, дури 73 отсто од луѓето во регионот сметаат дека климатските промени се проблем

Во студијата е дадена и препорака за намалување на товарот на одделни економии од Западен Балкан во поглед на решавање прашања поврзани за климатските промени и посебно со оглед на недостигот од човечки ресурси и други капацитети преку унапредување и фокусирање на регионална соработка.