На седница на Советот на Општина Битола се најде и новиот тарифник на Јавното претпријатие „Паркинзи“, со кој се предвидува намалување на цените.
Намалувањето се однесува за зоната А и Б. Имено, ако до сега се плаќаше 55 денари за три часа во зоната А, со намалувањето цената ќе биде 40 денари, а за зоната Б за која сега се плаќа 40, со новиот тарифник цената ќе биде 30 денари.
Во својот говор на седница на Совет, советникот од ВМРО ДПМНЕ, Ѓорѓи Ѓорѓиевски рече дека ова е прва услуга која што се намалува во ова кризно време.
Советникот од СДСМ, Петар Николовски рече дека тие не се против се што е од интерес на граѓаните и би разбрале поевтинување во зоните Б и Ц, но да се стимулира паркирање во зоната А, кога се залагаме за еколошка општина и ако се има превид дека во голем дел европски градови забрането е паркирањето во центрите на градовите, е неразбирливо.
Со новиот тарифник се укинуваат 15-те минути бесплатно паркирање на отворените паркинзи, а оваа услуга за граѓаните останува само за затворените паркинзи.
Од ЈП „Паркинзи“ велат дека со укинувањето на тие 15 минути ќе се намали транзитирањето низ централното градско подрачје, со попатно застанување на неколку места.












