Вчера на територијата на цела држава имаше вкупно 42 пожари на отворено и шумски пожари, од кои 17 се активни, 4 се под контрола и 21 е изгаснат.

Според информацијата од Центарот за управување со кризи на територијата на Општина Прилеп беа активни два пожари, едниот кај Марковите Кули, а другиот во село Радобил.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески упати апел до сите граѓани да не се потпалуваат стрништа.

„Овие неконтролирани пожари претставуваат сериозна закана за нашите отворени простори, а уште полошо, можат да загрозат населени места, објекти и манастарски храмови!
Нашите противпожарни екипи се деноноќно на терен, посветено и неуморно се борат со огнената стихија. Прилепската територија е една од најголемите во Република Македонија и потребно е нашите екипи да бидат максимално ефикасни и безбедни во својата работа. Секоја помош и поддршка за нашата Територијална Противпожарна Единица е од огромно значење во овие моменти.
Да бидеме совесни и одговорни! Заедно можеме да ги заштитиме нашите домови, нашите семејства и нашата заедница од потенцијалните опасности“ вели Јовчески.













