Посмртните останки пренесени во Скопје

Со двата авиона посмртните останки од Софија пристигнаа во Скопје. Со авионите се транспортирани посмртните останки на 45-те загинати македонски државјани во автобуската несреќа во Бугарија. Полетувањето на авионите беше пролонгирано поради лошите временски услови во Софија.

На Скопскиот аеродром останките ги пречека висока државна делегација, а на плоштадот „Скендербег“ во Скопје беа поставени венци пред кои граѓаните можат да им оддадат почит на загинатите во несреќата.

Посмртните останки на 45 наши загинати сограѓани, кои со авиони на бугарската армија пристигнаа на аеродромот во Скопје, беа пречекани од претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на Владата, Зоран Заев, како и од други највисоки претставници на овие, и на други институции и верски организации.

На пречекот на посмртните останки на загинатите во автобуската несреќа присуствуваа и членови на нивните семејства.

Највисоките претставници на државниот врв, претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери и претседателот на Владата, Зоран Заев на церемонијата положија венци со цвеќе и се поклонија пред погребната поворка на трагично загинатите, по што ковчезите со посмртните останки им беа предадени на семејствата за да бидат погребани во нивите вечни почивалишта.

На аеродромот во Скопје последен поздрав до починатите упатија и делегации од соседните Република Албанија, Република Бугарија и Република Косово.

Поклон во чест на жртвите венец свежо цвеќе како последен поздрав положија и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, придружуван од вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

Пред поворката со посмртните останки венец свежо цвеќе положи и делегација на Владата која што ја предводеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Поворката со останките која требаше да помине низ главниот град беше откажана. Семејствата ги подигнале останките од аеродромот.

Сподели