“Воспоставување на регионален систем за управување со отпад значи директна помош на општините од сите региони. Обезбедуваме финансиски средства со кои ги подигнуваме стандардите за управување со отпад, одржување на чиста и здрава животна средина, а со тоа и грижа за потребите и здравјето на граѓаните“ рече министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на потпишувањето на договорот за заем меѓу Македонија и Европската банка за обнова и развој за изградба на регионални системи за управување со отпад во сите пет плански региони.

Според него новиот пристап ќе овозможи имплементација на подобро собирање, транспортирање и депонирање на отпадот и изградба на санитарни депонии во согласност со националното и ЕУ законодавство за депонии. Инвестицијата опфаќа и набавка на контејнери за комунален отпад и набавка на возила за собирање комунален отпад.

Дополнително, рече тој ќе работат и на развивање навики и подигање на свеста кај населението за селекцијата на отпадот и придобивките што ги имаат од тој процес.
Обезбедените средства се планирани за воспоставување и развој на регионален систем за управување со отпад во Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион, а вкупниот износ на заемот од ЕБОР наменет за реализација на овој значаен проект е 55 милиони евра, директна помош на општините од овие региони.












