Потрошени средствата за субвенции при набавка на печки на пелети

0
681

Во врска со Јавниот оглас за надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата за 2018 година од Министерството за економија информираа дека заклучно со денешниот ден, 21 февруари, средствата предвидени во Буџетот за 2018 година за надомест на оваа мерка се веќе искористени.

Ова е првата од мерките предвидени во Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година, со вкупен буџет од 50 милиони денари, за која беа издвоени 14 милиони денари.

Целта на оваа мерка за надомест на дел од трошоците за купување на печки на пелети, со кои ќе ги заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут, беше да се стимулираат домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени.

Тоа значи на сите оние кои купија печки на пелети, по објавување на јавниот повик на 31 јануари 2018, и аплицираа со потребните документи, им се овозможи надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети до 50 %, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност по домаќинство за 2018 година.

Листата на баратели кои го остваруваат правото на надомест ќе биде објавена на веб страната на Министерството за економија.

mkd.mk