На 61-годишна возраст по кратко боледување почина актерката Јулијана Стефанова. Меѓу љубителите на театарската уметност ќе остане запаметена како актерка кој својот живот го посвети на Битолскиот театар, чија енергија привлекуваше внимание само што ќе застанеше на сцена.
„ Пред неколку часа не напушти еден прекрасен човек, Јулијана Стефанова, актерката која штом ќе се појавеше на сцената веднаш предизвикуваше насмевка на лицата од публиката. Нејзиниот актерски хабитус беше мек и топол, специфичен по тоа со каква леснотија ги правеше работите на сцената. А зад сцената беше уште потопла и голем другар.
Ќе ни недостигаш бескрајно и ќе те паметиме само по убаво! Патувај мирно!“, стои во соопштението од Битолскиот театар.
Во нејзиното актерско портфолио се многубројни улоги и тоа во претставите „Тајното оружје“, „Аудиција“, „Тартиф“, „Аждер“, „Крвави свадби“, „Малограѓанска свадба“, „Иванов“ и многу други. Играше и во претстави од детскиот театар Бабец.