Почина детето Алфи откако беше исклучено од апарати

0
1025

Две-годишниот Алфи Еванс почина во детската болница „Алдер Хеј“ во Ливерпол, четири дена откако беше исклучен од апаратите кои го одржуваа во живот.

Неговите родители четири месеци се обидуваа да го префрлат во детска болница во Италија, за да таму продолжи неговото лекување, за што директно се заложи и Папата Франциско. Детето во понеделникот доби италијанско државјанство, но, според докторите во Велика Британија, каков било понатамошен третман, за Алфи би значел мачење и би било нехумано.

Тој боледуваше од ретка невродегенеративна болест која доведе до прогресивно слабеење на мускулите кај 23 месечниот Алфи, а во август лани, претрпе и сериозни оштетувања на мозокот, по што докторите во Ливерпул заклучија дека болеста е во далеку поодмината фаза и не може да се лекува.

„Мојот гладијатор го положи својот штит и ги рашири неговите крилја во 2 часот и 30 минути. Срцето ми е целосно скршено, те сакам, мал човеку“ – вели Томас Еванс – татко на Алфи.

Последните неколку месеци, беа претешки во справување со здравствениот и правниот систем во Велика Британија и настојувањата бебето да се лекува во Рим. Неговите родители ги изгубија сите спорови во британските судови, по што Томас изјави дека Велика Британија го осуди неговиот син на смртна казна.

Родителите Том и Кејт обвинуваа дека Алфи е затвореник во болницата а случајот предизвика протести пред болницата, а неколку десетици демонстранти се обидоа на сила да влезат. Полицијата во Ливерпул отвори случај за протестите затоа што лекарите, медицинскиот персонал и сопствениците на болницата Алдер Хеј, пријавија дека им биле упатени закани од демонстрантите.