Почина првата победничка на Евросонг

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Животот го загуби првата личност која победи на Евросонгот, Лис Асија. Таа умре на 94-годишна возраст во болницата „Золикерберг“ во Цирих, објавија организаторите на популарниот музички натпревар.

Жената која ја нарекоа „првата дама на Евросонгот“ победата ја однесе во 1956 година кога настапи за Швајцарија со песната „Refrain“.

Од Евровизијата најавиле дека во текот на наредните денови ќе организираат комеморација за пејачката која во меѓувреме на Евросонгот настапи уште два пати: во 1957 година го освои осмото место, а во 1958. второто место.

Сепак, сите најмногу ја памтат нејзината прва, победничката изведба на премиерното издание на Евросонгот одржан во Лугано, Швајцарија, кое во текот на наредните децении прерасна во спектакл.

Лис Асија е родена во 1924 година во Руперсвил, на северот на Швајцарија, а пред пејачката градела танчарска кариера. По победата на првиот Евросонг долга низа години блиско соработувала со неговите организатори, а неретко во пригодни моменти се појавувала на сцената. Последен пат во ревијалниот дел на натпреварот настапила во 2005 година, на 50-годишнината од првото издание на Евросонгот.

Share.