Почина Прим.Д-р Димитар Котевски

0
1583

Денес на 92 години почина Прим. д-р Димитар Котевски.

Примариус д-р Димитар Котевски е роден на 26.10.1926 година во Битола. Медицинскиот факултет го заврши во Белград, а специјализацијата во Загреб. Докторската дизертација ја бранеше во Загреб на загребачкото Свеучилиште.

Тој беше еден од највидните и најугледни граѓани, афирмиран научник, познат и признат општествено политички деец. Поседуваше високи идеали, добродателство и морални квалитети , и со тоа се запиша во историјата на својот град.

Беше визионер кој со својата долгогодишна и упорна ангажираност ги постави темелите на идното здравство во Битола кое го реформира.

Со неговата должност како прв директор на обединетото здравство Медицински центар, гледаше во иднината и реализацијата на планираното, и несебично се вградуваше во остварениот напредок.

Од формирање на Друштвото за наука и уметност, формирање на очното одделение, едукација на лекарскиот кадар, како повеќегодишен директор во изградба и опремување на новата болница, формирање на нови специјалистички одделенија во медицинскиот центар „Д-р.Трифун Пановски“, како основа за идната Клиничка болница.

Тој беше прв доктор по медицински науки во Битола. Еден од малкумината научни ентузијасти, и како научник еден од најзаслужните кои во 1960 година го формира Друштвото за наука и уметност и Македонското научно друштво во Битола, и негов повеќегодишен претседател. За неговиот придонес беше избран за почесен претседател на Македонското научно друштво.

Несомнено големи се неговите заслуги за формирањето на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола. Посебно беше неговото залагање за да се формира Високата медицинска школа, каде д-р Котевски беше основач, организатор и претседател на матичната комисија за формирање на оваа престижна универзитетска установа. Ваква установа во тоа време немаше на пошироките балкански простори, од Белград до Битола.

Примариус д-р Димитар Котевски е автор на голем број научни трудови од областа на здравството (офталмологијата) кои беа презентирани на европски и светски конгреси. Поради заслуги, развој и придонес кон офталмолошките здруженија, го прогласија за почесен член. Исто така и од страна на Сојузот на слепи лица на Р.Македонија, за придонес во борбата против слепилото, беше прогласен за почесен член.

Неговото дело со крупни букви е запишано во летописот на Научно-културната и здравствената историја на Битола.

Погребот ќе биде утре, Недела (03.06) во 13:00 на св. Неделските гробишта. Останките ќе бидат изложени од 9:00 во црквата свети Димитрија.