Почина Стивен Хокинг

0
354

Светски познатиот физичар Стивен Хокинг почина рано утрово на 76 години. Починал мирно во неговиот дом во Кембриџ, соопшти семејството. Британецот е познат по својата работа за црните дупки и релативитетот, напишал неколку популарни научни книги, меѓу кои и бестселерот „Кратка историја на времето“ од 1988 што се продаде во 10 милиони примероци. На 22 години му бил дијагностициран редок вид моторна невронска болест и прогнозите биле дека ќе живее уште само 2 години. Болеста го остави во инвалидска количка, а и не можеше да зборува, освен преку синтетизатор на глас.

Професорот Хокинг е првиот што ја постави теоријата за космологија како сојуз на релативитетот  и квантната механика. Тој откри и дека црните дупки емитуваат енергија и исчезнуваат во ништо – феномен кој подоцна ќе се нарече Хокингово зрачење. Преку својата работа со математичарот Сер Роџер Пенроус тој покажа дека Општата теорија на релативноста на Ајнштајн имплицира дека  просторот и времето ќе имаат почеток во Биг Бенгот и крај со црните дупки.

Научникот  доби популарност надвор од академскиот свет и се појави во неколку телевизиски емисии, меѓу кои  ги „Симпсонови“, „Црвеното џуџе“ и „Теоријата за Биг Бенгот“. Хокинг беше портретиран и на ТВ и на филм, пред две години Еди Редмејн доби Оскар за „Теоријата на сѐ“, филм за успонот на Хокинг и односот со неговата прва жена Џејн.

Во доцните 1990-ти, тој добил понуда да стане витез, но 10 години подоцна откри дека одбил поради проблемите со владиното финансирање на науката.

Тим Бернерс-Ли, пронаоѓач на Интернетот, беше еден од првите што му оддадоа почит на професор. Хокинг.

„Изгубивме колосален ум и прекрасен дух. Почивај во мирот, Стивен Хокинг”, рече тој.