Почнаа уписите во средните училишта

Со документите во рака денес деветтоодделенците тргнаа да се запишат во едно од средните училишта во градот. Го посетивме СОУ„Таки Даскало“. Се сретнавме со Јована и Гораст и ги прашавме зошто се одлучија да се запишат во „Таки Даскало“.
„Сакам да се запишам на јазичен смер бидејќи очекувам да се запишам на некој факултет за јазици“, рече Јована Талевска.
„Мојот талент и мојата амбиција се јазиците и уметноста, ќе се запишам на јазично уметнички смер во „Таки Даскало“, а потоа планирам да се запишам на Правен факултет во Битола.
Запишувањето во прва година средно образование почна денеска и ќе трае во наредните три дена.Според конкурсот на МОН во „Таки Даскало“ во прва година ќе се запишат 408 ученици во 12 паралелки со настава на македонски јазик според наставни планови и програми.
„Интересот на учениците за нашето училиште е прилично голем за насоките и струките во нашето училиште. Ме радува фактот што учениците неможеа да дочекаат да дојде 12 часот за да се запишат, веќе од утринските часови чекаа за да дојдат на ред за упис. Се надевам дека и наредните денови ќе бидат вака успешни“, рече директорот на СОУ„Таки Даскало“, Добре Босилковски.
Вообичаено најбарана е сообраќајната струка и гимназиското образование, но годинава директорот очекува голем да биде интересот и за останатите насоки кои се реформирани и барани на пазарот на трудот.
Денес запишувањето ќе трае до 19 часот,  утре и во среда училиштата ќе примаат пријави од 7 до 19 часот и на 17 јуни четврток од 7 до 15 часот. Ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени во четврток  после 16 часот.

 

Сподели