ТЕРА

REKLAMA???

ПОЧНА ОТКУПОТ И ВО БИТОЛА, НОВАЦИ И МОГИЛА

Почна откупот на тутун од годинешната реколта. Четири откупни компании од 10-те регистрирани во земјава ги отворија пунктовите. Од подрачната единица на МЗШВ во Битола информираат дека откупот во трите општини Битола, Могила и Новаци во повеќе откупни претпријатија стартуваше во текот на вчерашниот ден.

Додаваат дека откупот ќе се врши од страна на 6 откупни претпријатија распределени на 21 откупни пунктови во трите општини. На ниво на трите општини Битола, Новаци и Могила се склучени 2394 договори. Договорени се 1500 тони за откуп на тутун на површина од околу 750 хектари.

Од ПЕ на МЗШВ велат дека за откупната цена и текот на откупот на тутун е сеуште рано да се зборува но официјалните цени на тутунот се 300 денари прва класа, 240 денари втора класа, 180 денари трета класа, и четврта  класа (дополнителна) 100 денари.

Годинава за разлика од минатите години цените за килограм предаден тутун се повисоки.

По класи, зголемувањето е: за прва од 280 на 300 денари за килограм, за втора од 200 на 240, за трета од 150 на 180 денари и за четврта од 85 на 100 денари за килограм тутун.

На ниво на држава годинашната реколта е договорена на над 25 000 тони, но се очекува да биде помала, иако е поголема од ланската и е поквалитетна.