Во неделата православните христијани се проштеваа за вчера да го започнат Големиот Велигденски пост. Вчерашниот ден во повеќе краишта низ земјава е познат и како „чист понеделник “.
Постот е востановен од Бога со заповедта дадена на првите луѓе во земниот рај – да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото . Преку неа Бог сакал уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушност и воздржување.
Постот е оружје во духовната борба , неопходно средство за стремеж на човекот кон духовно совршенство, надежна сила за давање отпор во духовната немоќ и благодатна ризница за постигнување на крајната и врвна цел на христијанскиот живот – светост и спасение во Господа.
Во Стариот Завет имаме многу примери за пост: светиот пророк Мојсеј Боговидец постел 40 дена и 40 ноќи ,за да се подготви да ги прими Десетте Божји заповеди; светиот пророк Илија со строг пост, духовна чистота и голема ревност за Господа се удостои да ја види Божјата слава ,, а, пак, светиот Јован Крстител е познат како најголем и најстрог испосник. Воопшто, сите праведници постот го запазувале во помала или поголема мерка.
Самиот Господ Исус Христос се подготвил за сеопшто служење и за искупителниот подвиг преку 40-дневен пост .
Оние кои поверувале во Христа започнале да постат уште во времето на апостолите.
Велигденскиот пост или Светата Четириесетница е востановена во чест на страдањата и Воскресението на Господа Исуса Христа.
Суштината на христијанскиот пост не е умртвување на телото, како што погрешно се мисли, туку умртвување на гревот во нас, зашто гревот предизвикува пропаѓање и смрт. Закрепнувајќи ја волјата, постот му дава можност на духот да владее со телото.
И како што напишал Св.Гаврил Светогорец, епископ Велички : Кога христијанинот пости треба да се откаже од секакви светски веселби и задоволства, од посетување на места каде што е возможно да згреши со помисла, збор или со поглед. Воопшто, треба да се стреми, колку е можно повеќе, поголем дел од мислите да Му ги посветиме на Бога и на тајната умносрдечна молитва.












