По смртност на новороденчиња, Македонија втора во Европа

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Фондот за деца при Обединетите Нации или УНИЦЕФ денеска во Њујорк и во целиот свет ја почнува кампањата „За секое дете, живот“ со цел смртноста на новороденчињата да стане минато. Владите, здравствените институции, донаторите, приватниот сектор, семејствата и фирмите се повикуваат да го одржат секое дете во живот, насекаде.

Македонија има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа, веднаш по Молдавија.

– На овие бебиња можеме да им дадеме повеќе од еден ден, повеќе од еден месец – повеќе од опстанок. Можеме да ги спасиме повеќето од нив преку финансиски прифатливи, квалитетни решенија на здравствена заштита за секоја мајка и секое новороденче. Во нашиов контекст, тоа значи обезбедување соодветна пренатална грижа, прегледи и посети за сите бремени жени низ целата земја – особено за руралните жени, кои честопати се најоддалечени од здравствените служби. Затоа треба да се обезбеди пристап и брз трансфер во одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации – се вели во пишаната изјава на претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс.

Според него, во Македонија има одлични здравствени работници, но треба да постојат меѓународно акредитирани протоколи и упатства засновани на податоци кои ги има во повеќето европски здравствени системи и стручните лица треба да имаат капацитет да ги применуваат.

Од УНИЦЕФ наведуваат дека во Македонија скоро секоја четврта жена пуши за време на бременоста, што го зголемува ризикот од повеќе негативни здравствени исходи поврзани со бременоста, вклучувајќи и ниска родилна тежина, неонатална смртност, мртвороденче и предвремено породување.

 

Share.