Ракометарите на Еурофарм Пелистер со убедлив триумф од 35-26 над Тиквеш го заокружија шампионскиот пат во Суперлигата за сезоната 2022/23.

Пред полните трибини на салата „Боро Чурлевски“, избраниците на Александар Јовиќ и Звонко Шундовски рутински го средија ривалот од Кавадарци.

Навивачите од преполните трибини го поздравија првакот и беа сведоци на враќањето на трофејот во Битола по 18 години.

Пресреќен по успехот со Еурофарм Пелистер беше тренерот Александар Јовиќ.

„18 години чекавме на овој прекрасен ден, да го вратиме шампионскиот пехар каде што му е местото. Мислам дека ова е заслуга на целиот тим, стручниот штаб и управата. Самата клупска визија беше најдобра годинава. Во разговори со управата ќе се направи сè за да бидеме конкурентни во Лигата на шампионите. Сакаме добро да се претставиме меѓу 16. најдобри во Европа. Сметам дека сега е моментот да удриме добри темели и да го стабилизираме клубот, за уште долго да бидеме шампиони на Македонија“, изјави Јовиќ.

Пелистерци следната сезона ќе играат во Лигата на шампионите.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски им честиташе на тимот на Еурофарм Пелистер.














