ТЕРА

REKLAMA???

ПО 9 ГОДИНИ БОЈАЏИЕВ, РОЏЕВСКИ И ЛУМАНОВСКИ ПОВТОРНО НА ИСТА СЦЕНА

По пауза од девет години, Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски  се најдоа повторно заедно на една сцена  во Филхармонијата. Вонсериските музичари со долгогодишна кариера на интернационалната сцена, ја поведоа публиката на незаборавно музичко патување.Концертот го започнаа со изведба на „Дом“ (Home), композиција од филмот „Војната заврши“ од Митко Панов.

На програмата беа авторски композиции и преработки на македонска изворна музика, во едно ново уникатно издание, со интимен карактер и модерна аранжманска структура и изведба. Па така публиката имаше можност да ги чуе „Абер Дојде Донке“, „Калеш Анѓа“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Параходот „Татко“,„Дојди“ и „Танго до балчак“, композиции од филмот „До балчак“ на Столе Попов и други. Во еден дел од концертот, Роџевски свиреше тамбура.

Извонредниот талент на тројцата врвни претставници на македонската музика одамна ја има својата потврда на светската сцена, а имињата на Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски се запишани и зад едни од најраскошните, маестрални концертни доживувања кај нас. Покрај меѓународниот успех и соработки, како музички уметници и автори, нив ги поврзува безвременоста на музиката која ја создаваат со фантастичен сензибилитет и оригиналноста во нивните беспрекорни изведби.