Прашањето за името ги скара Ципрас и Мицотакис

0
455

Жештока расправа за името меѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и лидерот на опозицијата Киријакос Мицотакис во грчкиот Парламент. Претседателот на „Нова демократија“ обвини дека Владата нема единствена позиција за името. Го праша Ципрас кој ќе ја застапува грчката позиција на самитот на НАТО во јули, дали министерот за одбрана Каменос, кој е против името Македонија или тој како лидер на „Сириза“.

Нема отстапки од црвените линии. Сложено име за севкупна употреба- возврати Ципрас од говорницата.

„Ние бараме решение за клучното важно прашање за името на соседната држава со два основни предуслови: сложено име за севкупна употреба, а тоа значи дека не може да биде само за надворешна употреба, туку и за внатрешна, односно промена на уставното име“- изјави  Ципрас.

Ципрас кажа дека не е првиот грчки премиер што се сретнал со премиер на Македонија, мислејќи на средбата Никола Груевски – Јоргос Папандреу пред осум години.

Мицотакис го обвини Ципрас дека во разговорите за името не ја вклучил грчката опозиција и дека демонтрациите против употребата на зборот „Македонија“ ги смета за националистички.

Различни ставови за можностите за решение изразија алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос и одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија Јоргос Кумуцакос.

Катругалос е оптимист, вели дека постои моментум и добри намери од двете страни и смета дека е веројатно да се постигне договор, Кумуцакос пак, вели дека погрешното управување со прашањето во внатрешноста на земјата, го затвори прозорецот на можност за решение.

Грчкиот алтернативен министер за надворешни работи, објасни дека изјавата на македонскиот премиер за грчкиот Устав, во Грција, била погрешно пренесена и толкувана, бидејќи „Заев рече да видиме што вели грчкиот Устав, па и ние да го сториме истото “.