Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, побара Сојузот на синдикати на денешниот протест организиран по повод Меѓународниот ден на трудот.
Другите нивни барања се:
– Ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година и преферирање на работата на неопределено време како одраз на егзистенцијалната сигурност на работниците,
– Право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа,
– Намалување на полното работно време на 35 часовна работна недела, а со тоа ќе се создадат можности за похумана работна средина и повеќе време за одмор на работниците, за потребите на нивните семејства и сопствен образовен и стручен развој, што е особено важно затоа што човечкиот потенцијал е најважниот ресурс на секоја држава,
– Укинување на 72 часовната работна недела за работа на стратешките проекти,
– Зголемено породилно отсуство , поголеми родителски права и поголеми права и флексибилност за усогласување на семејните прилики и потреби на работниците со потребите на работниот процес,
– Целосно почитување на правата од работен однос со посебен акцент на лицата кои работат на онлајн платформи кои ги има се повеќе, а се надвор од системот на грижа и социјална сигурност,
– Здрави и безбедни услови за работа согласно новите актуелни техники и технологии применети на работните места,
– Целосно информирање и консултирање на работниците и синдикатите во компаниите за сите прашања поврзани со економско социјалната положба на работниците,
– Унапредување на синдикалното организирање и колективно договарање и јакнење на социјалниот дијалог на сите нивоа,
– Враќање на Работничкиот дом на ССМ на работниците.
„Неколку години наназад протестите станаа заштитен знак на ССМ како начин на изразување на работничкото незадоволство од продолжувањето на практиката карактеристична за изминатиот период, а тоа е дека нашите социјални партнери, работодавачите и претставниците на законодавната и извршната власт немаат слух за проблемите на работниците и народот туку единствено и исклучиво работат за своите интереси“ велат од ССМ.












