ТЕРА

REKLAMA???

ПРВ АКАДЕМСКИ ЧАС НА ТЕХНИЧКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО БИТОЛА

Со посебна свеченост, во присуство на повеќе гости, на Техничкиот факултет во Битола, денес се одржа првиот академски час за генерацијата бруцоши  2022/2023. Новата академска година на техничкиот факултет ја започнуваат 120 бруцоши, а деканот Митко Костов, информираше дека оваа високообразовна институција, како еден од најстарите факултети во Македонија, продолжува да се промовира, користејќи современо методи, со цел што повеќе идни студенти своето школување да го продолжат на Техничкиот факултет, кој се одликува со добра опременост и над 50 врвни професори.

„Една од основните цели кои ги имаме поставено на ТФБ е да им овозможиме на нашите студенти да добијат реално знаење што е употребливо директно во науката, но и во индустријата и општеството. Факултетот е многу повеќе од само згради и училници, а токму ТФБ е доказ за тоа. Факултетот го прават луѓето кои работат во него. Бројот на професори на ТФБ е поголем споредено со сите други факултети на УКЛО. Тоа е гаранција дека ќе добиете квалитетно и врвно образование. Без лажна скромност, можеме да кажеме дека Технички факултет Битола, како еден од најстарите технички факултети во земјата, е факултет на можности за сите студенти. Колку за пример: денес сме горди на традиција од 61 година постоење Технички факултет Битола; имаме склучено над 50 меморандуми за практикантство со разни компании каде што студентите ќе можат да извршуваат практична настава за време на студирањето • обезбедуваме стипендии за најдобрите студенти и правиме напори да обезбедиме уште повеќе; Би сакал да истакнам во име на сите вработени на Техничкиот факултет и во свое лично име дека ни претставува привилегија заедно со вас студентите да се здружиме во решавање на сите предизвици кои се пред нас и заеднички да го вратиме ТФБ на „старите добри патеки“, изјави Митко Костов, Декан на технички факултет – Битола.

Успешна академска година на сите студенти на Универзитетот „Свети Климент Охридски”, им посака и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој присуствуваше на првиот академски час на Техничкиот факултет.

„61 година постоење на Техничкиот факултет, навистина заслужува почит. Битола има факултет и добра база во која како општина и како граѓанско општество, како стопанство, можеме да го искористиме сето она што овие факултети отсекогаш го нудат. Машинскиот, сообраќајниот факултет, воопшто техничкиот факултет, се основата на се она што значи развој во Битола. Се надевам дека и во иднина така ќе продолжи. Сакам да им честитам на бруцошите, да бидат успешни граѓани, добри граѓани на нашата земја, на Битола и да ни останат тука, да бидат нова сила на градот”, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој испрати честитки и до Игор Неделковски, новиот ректор на Универзитетот „Свети Климент Охридски”.

Градоначалникот Коњановски, најави интензивирање и зајакнување на соработката и со останатите единици во рамките на Универзитетот, во насока на понатамошно градење партнерства и реализација на зацртаните приоритети во потпишаните меморандуми за соработка.

Директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски и пом. директорот, Драги Крстев присуствуваа на првиот академски час на Техничкиот факултет Битола.

„Ви посакувам успех во текот на студирањето и очекувам што поскоро да бидете дел од семејството на АД ЕСМ”, им порача Матевски на бруцошите на ТФБ.

Нашата компанија секоја година доделува по 5 нови стипендии во износ од 80.000 денари за исто толку бруцоши на Техничкиот факултет Битола кои по првиот семестар ги исполнуваат пропишаните критериуми. Затоа, уште еднаш Среќно бруцоши!“, рече директорот на РЕК Битола Пеце Матевски.