Прв бод за Канатларовски, Македонија ремизираше во Охрид со Србија

Репрезентацијата на Македонија до 21 година го одигра вториот натпревар од септемвриските квалификации против соодветната селекција на Србија.

На стадионот „Билјанини извори”, во Охрид, во еден интересен натпревар, со доста тврда игра и тактичка поставеност, Македонија и Србија одиграа нерешено без голови. И двете репрезентации може да жалат за неколкуте нереализирани шанси. Треба да се нагласи и одличната партија на нашиот млад голман Давид Денковски, кој успеа да им одбрани пенал на гостинските фудбалери. Покрај пеналот Денковски имаше и неколку одлични интервенции, покажа смиреност и беше гаранција во нашата одбрана. Најдобрите прилики во нашиот табор ги имаа Чолаковски, Фазлагиќ и Дашмир Елези во последните мигови од средбата. Македонија одигра храбро, цврсто и решително на овој натпревар против силната репрезентација на Србија.

Квалификациите за Македонија продолжуваат во месец октомври, со гостување кај Фарските Острови.

Сподели