По повод Светскиот ден за борба против хепатитисот на плоштадот Магнолија битолчани имаа можност да направат бесплатна проверка и да видат на лице место дали имаат некакви оштетувања на црниот дроб. Кампањата ја спроведува Хепар Центарот од Битола со цел подигнување на свесноста на населението за хепатитисот.

„Денеска во 9:30 минути започна скринингот со најновиот еластограв кој е единствен таков апарат во нашата земја кој што успева да ги детектира најголемите и најмалите оштетувања на црниот дроб, од најразлични видови на црнодробни заболувања како што се хепатитис Б и Ц, алкохол, храната, гојазноста и сите останати автоимуни и генетски заболувања на црниот дроб. Оваа кампања ќе продолжи и во останатите градови на државата. Во наредниот период сме повторно во Скопје, Штип, Куманово и Струмица. Благодарение на нашите парнери се ослободува целосната поддршка за овај настан да се одвива како што треба и да им се помогне на нашите граѓани да го детектираат својот статус“, изјави Милан Мишковиќ, од Хепар Центарот од Битола.

Лани биле дијагностицирани 86 пациенти со хетаптитис Б и Ц. Во Битола годинава има три пријави за заразни болести со Хепатит Б, а ланската година биле дијагностицирани 7 пациенти.
„Во моментот се детектирани околу 83 пациенти, но со самата мобилна единица детектираме и нови пациенти, а исто така детектираме и пациенти кои имаат цироза, односно напреден степен на оштетување на црниот дроб. Ова се покажува како доста ефикасна програма во однос на превентивата кај луѓето каде што сакаме да направиме еден поголем осврт и да разберат зошто црниот дроб е еден од најнеопходните органи во нашиот организам“, рече Мишковиќ.

Оваа капмања Хепар Центарот од Битола ја спроведува заедно со Министерството за здравство, клиниките кои се директно и индиректно инволвирани во целиот процес за елиминација на хепатитот и црнодробниот карцином, како и со поддршка на локалните партнери, Здравствениот дом од Битола,Центарот за јавно здравје и Клиничката Болница.
„Здравствениот дом учествува со обезбедување на амбулантно возило каде што ќе се вршат сите овие превентивни прегледи кои што се организирани од страна на Хепар Центарот заедно со Министерството за здравство. Ние како здравствена институција сме во примарна здравствена заштита и кај нас превентивните прегледи се од витално значење, бидејќи секое рано дијагностицирање на некоја болест значи и успешно лекување на болестите и добро здравје на населението“, рече др. Весна Спирковска, директор на Здравствен дом-Битола.

„Кога се однесува за хепатитис Б и Ц важно е да се напомене дека афектира повеќе од 350 милиони лица ширум светот. За хепатитис Б постои вакцина, за хепатитис Ц нема вакцина, меѓутоа превентивните мерки се значајни и за Б и за Ц, а тоа е користење на стерилни игли и шприцеви без разлика дали станува збор за лица кои инјектираат дроги, тетовирање, пирсирање или пак за терапија, како и практикување на заштитни сексуални односни со лица кои што се позитивни на Б или Ц. Во Центарот за јавно здравје во Битола во одделението по епидемиологија се извршува вакцинација против хепатитис Б по епидемиолошки индикации, по барање на лица, лица кои што патуваат, а кај нас се врши вакцинацијата и кај пациенти кои што се на дијализен третман. Во 2022 година во Битола има пристигнато 7 пријави за заразна болес за хепатитис Б, а додека во 2023 заклучно со месец јули има пристигнато три пријави за хепатитис Б , за хепатитис Ц немаме пристигнато пријава за заразна болест“, изјави др. Светлана Поповска-Кљусева, специјалист епидемиолог од Центарот за јавно здравје-Битола.

Светскиот ден за борба против хепатитис СЗО годинава го одбележува под мотото „ Еден живот, еден црн дроб“. Глобалната стратегија за хепатитис на СЗО има за цел да ги намали новите инфекции со хепатитис за 90% и смртните случаи за 65% помеѓу 2016 и 2030 година.












