Предавање за чалгиската музика во Музичкото училиште во Битола

0
365

Во светот кој секојдневно се менува, музиката останува една од основните форми на човечкото изразување. Ние како Македонци, го имаме целото право да зборуваме, да музицираме и да се гордееме со богатата традиционална музика, да се гордееме со македонскиот фолклор, да му оддадеме особена почит и внимание.
Македонскиот фолклор со својот карактер како трајна вредност, претставува неисцрпна и постојана инспирација за голем број творци и уметнички дела.

Учениците од битолското музичко училиште имаа можност да слушнат и научат многу повеќе за чалгиската музика, од тројца музичари, уметници, дејци на културата во Македонија, амбасадори на македонската музика насекаде во Светот-проф.Благојче Трајковски на кларинет, проф. Владимир Крстев на виолина и проф.м-р Тимко Чичаковски на канон.

Овие музичари си поставиле за цел да ја актуелизираат традиционалната музика од минатиот век со цела нејзина убавина, придржувајќи се до ритмите, мелосот, украсите во изведбите, карактеристични за македонскиот фолклор.
Освен што се врвни уметници, тие се и професори во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје како и вонредни професори на Факултетот за музичка уметност во Штип, на отсекот за “Чалгиска музика” каде во мотивирачка образовна атмосфера, се изучуваат неколку инструменти и тоа: кларинет, виолина, канон, уд и др.
Целта на нивното доаѓање во Битола беше- афирмација на чалгиската македонска музика и претставување на инструментите – карактристични за изведба на истата.