Предложен закон за отпишување на камати за наплата на одредени долгови на граѓани

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Група пратеници во Собранието на РМ поднесоа Предлог на закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални  дејности, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште.

Целта на законот е отпишување на каматите на граѓаните кои се во неповолна ситуација како должници по основ на услуги од вршители на комунални дејности (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, трошоци за редовно одржување на заеднички делови на зграда што се во етажна сопственост)  и за услуги кои се дават на корисници на вода од страна  на вршителот на водостопанска дејност (наводнување и одводнувања).

Со предложените законски решенија треба да им се реши проблемот на голем број граѓани кои не по своја вина се јавуваат како должници на услуги од вршители на комунални  дејности (електрична и топлинска  енергија, вода и смет),  телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, и за кои постојат решенија за извршување издадени од суд, заклучно со 1 јули 2011 година, трансферирани кај нотар или извршител.

Во законското образложение се вели дека илјадници семејства  во  Република Македонија се жртви на процедурите за наплата, кои поради тоа што се оптоварени со низа недоследности  завршуваат на нивна штета.

„Имено, во согласност со законските решенија за долгови стари и по една деценија, за кои граѓаните воопшто не знаеле, сега се наплатуваат  десеткратно повисоки суми од страна на извршители. Во целата постапка постојат  проблеми на повеќе нивоа – граѓаните добиваат сметки за наплата на долгови кои датираат од деведесеттите, а доверителот е секогаш во право затоа што долгот навистина постои. Не постои начин како да се заштитат граѓаните. Станува збор за илјадници предмети кои стоеле во судовите. Најмногу тужени се за парично побарување по фактури за услуги од вршители на комунални дејности (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, трошоци за редовно одржување на заеднички делови на зграда што се во етажна сопственост)  и за услуги кои се дават на корисници на вода од страна  на вршителот на водостопанска дејност (наводнување и одводнувања)“, се посочува во образложението.

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и останатите парламентарни партии постигнаа консензуз за предлагање и усвојување на Закон за отпишување на камата за наплата на долгови, Закон што ќе го олесни функционирањето на граѓаните и ќе им заштеди дополнителни трошоци, соопштија од СДСМ.

„Благодарение на предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ и партнерите од коалицијата „За подобра Македонија“, граѓаните кои се наоѓаат во незавидна економска ситуација добиваат олеснување. Законот за отпишување на камати за наплати на долгови е предлог на опозицијата во корист на граѓаните, соопшти ВМРО ДПМНЕ.

Share.