Предупредувачки протест на пелагониските земјоделци

Пелагониските земјоделци денес излегоа на предупредувачки протест пред ПЕ на МЗШВ во Битола, барајќи исплата на парите за субвенции за 2020 година. Досега добиле средства само мал дел за житните култури, а субвенции за грло добиток и предадено млеко не добиле. Велат дека во екот на сеидба тие  биле оставени без пари.

 

„Проблем имаме доаѓаат пролетни сеидби, цената на семенскиот материјал оди нагоре, ѓубривата одат нагоре, цената на нафтата оди нагоре, крајно време е веќе министерството да ги исплати барем дел од тие субвенции“, рече Тони Алчевски, претседател на Здружение „Пелагониско Поле“.

Прочитај и: Земјоделците ќе ги добијат парите од субвенциите до крајот на јуни

 

„Сеидбата почна а пари нема. Како да преживееме ние сточарите 365 дена незнам. Треба да се свести владата дека овие луѓе храна произведуваат. Секој ден се купуваат млечни производи во маркетите, од тоа пари се вадат, данок плаќаме, а ние нашето не можеме да го земеме“, рече Тони Петковски, земјоделец од с.Велушина.

Биле во контакт со сите земјоделски здруженија од државава, а доколку не ги добијат парите за субвенциите се заканија со генерален штрајк пред Владата во Скопје.

„После 1 ви мај доколку нема да ни бидат исплатени субвенциите ние ќе одиме пред Влада. Ние даваме чисто млеко за 15 денари, а вие го купувате со хемикалии 50 денари. Слушаме сега и месото ќе поскапи 40 проценти, тоа е знак дека веќе нема стока во Македонија“, рече Борче Бучински, земјоделец од с. Могила.

Генералниот штрајк го најавија за после велигденските празници.

Сподели