Пред празниците вриеше на битолскиот пазар

0
1652

Гужва денеска на битолскиот пазар. Причина претстојните празници Бадник и Божик. Луѓе со торби, тезги преполни со костени, ореви, овошје и зеленчук. Продавачите велат дека нема поскапување на производите , цените биле исти како и минатата година. Поголем промет имале само пред празниците.

Килограм костени можеше да се купи за 180 денари, оревет се продаваше по 150 денари а чистениот 650 денари за килограм. Бананите чинеа 55 денери килограм, мандарините 60 денари, урмите и смоквите од 40 до 50 денари а портокалите три килограми за 100 денари. За некои од купувачите цените на производите биле исти, некои пак сметаат дека се поскапи. Велат дека се купува само она без што не се може да се помине празничната трпеза и дека домашниот буџет нема многу простор за опуштање, но велат дека скромно или богато празникот сакаат да го одбележат.

Менито е како и секоја година, за Бадник граѓаните ќе подготват посна трпеза со питулици,  грав, риба, сарми, и бадниково гранче, а за Божик мрсна храна, како мисирка, свинско во зависност од буџетот со кој што располага семејството.

Многумина јануари го сметаат за еден од најдолгите месеци во годината. Новогодишните и божиќните празници се причината што домашниот буџет се троши уште во првите денови од годината.  Сепак, она што е најважно за Бадник и Божиќ, тоа е поминувањето на времето со своите најблиски. Всушност така вели и народната, кај и да си, пред Божик, за Божик дома да си.