ТЕРА

REKLAMA???

ПРЕД СОВЕТНИЦИТЕ ИЗВЕШТАЈ ЗА БЕЗБЕДНОСНАТА СОСТОЈБА

Каква беше безбедносната состојба во Битола во првата половина од оваа година. На комисијата за безбедност во Советот на Општина Битола информираше командирот на Полициската станица од општа надлежност Битола, Влатко Атанасовски.

Еве што кажа за јавниот ред и мир, сообракајот, кражбите и откривањето наркотични средства.

„Во текот на првото полугодие од 2023 кај бројот на прекршоци бележиме намалување во однос на минатата година. Минатата година сме имале 134 прекршоци од областа на јавниот ред и мир, а оваа година имаме 102 прекршоци. Најголем дел од тие прекршоци опфаќаат физичките напади, потоа учеството во тепачка, оддавање на пијанство на јавни места, фрлање и кршење на разни предмети и омаловажување на полициски службеници. Старосната структура на сторителите во однос на прекршоците најголем дел се на возраст од над 25 години- 143 прекршители, од нив 8 лица се повратници во однос на вршењето на прекршоците.

Во однос на криминалитетот за првото полугодие од 2023 година исто така бележиме голем пад на тешките кражби и кражбите и разбојништвата. Во однос на тешките кражби оваа година регистрирани се 99 тешки кражби, а во однос на 2022 имаше 321 тешка кражба. Кражби оваа година имаше 20, а во 2022-63, разбојништва годинава имаме 5, а ланската година биле 7, од кои сите се расчистени, а сторителите пронајдени.

Исто така по член 215 од Киривниот законик, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, лишени од слобода се 12 лица, а на две лица му е изречена и мерка притвор.

Во однос на безбедноста во сообраќајот, бројот на сообраќајни незгоди е во намалување. Ова полугодие од 2023 имаме вкупно 233 сообраќајни незгоди, а минатата година истиот период сме имале 258. Од нив 139 сообраќајни незгоди се со потешки последици, а 94 се со материјална штета. Животот во сообраќајните незгоди го загубиле вкупно 10 лица. И оваа година поголемиот број на сообраќајни незгоди се случиле во населени места 136, а 97 се случиле на отворен пат.

Самиот факт дека поголемиот број на сообраќајни незгоди се случиле во населените места наведува на констатација за сеуште нерешените проблеми како на сообраќајниците така и на сообраќајната сигнализација. Исто така како основни причини за настанување на сообраќајните незгоди се:непочитувањето на сообраќајните правила и прописи од страна на возачите“, изјави Влатко Атанасовски, командир на полициската станица во Битола.